Германија ја поддржува трансформацијата на Косовските безбедносни сили (ФСК) во војска на Косово, но повторува дека смета оти овој процес не треба да биде избрзан и треба да е сеопфатен, со вклучување и на немнозинските етнички заедници, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во писмена изјава до „Коха Диторе” пред утрешното гласање во Собранието на Косово за трансформацијата на ФСК, Германската амбасада во Приштина вели дека Берлин смета оти Косово треба да има своја војска, но оти процесот треба да се изведе внимателно.
– Германската позиција, како што изјавивме и порано, е дека Косово, како независна држава, има право на свои вооружени сили. Ние нагласивме дека овој процес не треба да биде избрзан и треба да биде сеопфатен, посебно во однос на немнозинските заедници, се вели во соопштението на Германската амбасада.
Пакетот закони со кои ФСК се трансформира во војска, Амбасадата ќе го анализира откако ќе биде усвоен во Собранието, но порачува дека таа иницијатива не смее да се злоупотреби од ниедна од страните во односите меѓу Косово и Србија.
– Како и во однос на сите други легислативни чинови во Собранието на Косово, ние ќе ги анализираме соодветните закони откако тие ќе бидат усвоени. Тоа е причината поради која ја поддржуваме натамошната тесна соработка со НАТО во процесот на трансформацијата. Најважно е усвојувањето на законите да не се злоупотреби како претекст за натамошна ескалација од ниедна од страните во односите меѓу Белград и Приштина, се вели во изјавата на Германската амбасада во Косово.
За утре во Собранието на Косово е закажана седница на која ќе се гласа за пакетот закони со кои ФСК практично се трансформира во војска на Косово