Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс учествуваа на дебата на тема „Колку државата инвестира во децата? Образование, социјална заштита и здравство“. Настанот беше во организација на Finance Think Институтот за економски истражувања и политики и Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Малиот капацитет на постојните градинки кој се наметна како реална потреба за инвестиција на ова поле е еден од приоритетите на Министерството за труд и социјална политика. Изминатата година и половина МТСП посветено работеше на изградба на нови и проширување на постојните капацитети на детски градинки. Како резултат, отворени се 11 градинки со капацитет од 600 деца и обезбедени се 68 вработувања додека 13 градинки со капацитет за 682 деца и 97 нови вработувања ќе профункционираат до крајот на годинава. Тоа се 24 градинки, најголем дел во руралните средини кои со години беа заборавени дека постојат.
„Оваа Влада освен што инвестира повеќе пари во детската заштита, посветено работи и на подобрување на условите за згрижување на деца од предучилишна возраст, дури и во општините кои со години беа запоставувани. Дел од руралните места како што се Зрновци, Караслари, Врапчиште и многу други за прв пат добија детски градинки. Децата ќе бидат згрижени на само неколку чекори од нивните домови и повеќе нема да треба секојдневно да поминуваат километри за да одат во градинка“, рече Царовска.
Министерот за здравство д-р Филипче, во име за севкупната здравствена политика во земјава, грижата за децата и нивното здравје, ги потенцираше како приоритет на министерството, но и на државата.
-Секако дека вложувањето во здравјето и благосостојбата на децата е вложување во општеството, вложување во здрава иднина. Почнавме од почеток, таму каде децата се раѓаат. Условите на клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) ги доведовме на ниво каде новороденечката смртност е намалена за 8 процентни поени или од 25 на 18 отсто, и тоа за само неколку месеци. Ги подобруваме условите секаде каде има деца на лекување, купуваме нова опрема, образуваме и вработуваме кадар.
Најголем проблем е што наследивме систем со голем дефицит на матични лекари, гинеколози и друг лекарски кадар. За жал со години не се распишувале специјализации за педијатри. Од оваа дупка во здравствените политики, каде немало вложување ниту во кадар ниту во капацитети, од најмалку една деценија, сега мора да најдеме начин како тоа да го надминеме, а притоа да создаваме модерно и одржливо здравство.
Имунизацијата е столб, а со години имавме негативна кампања против одредени типови вакцина, дури и кај здравствените работници. Затекнавме состојба кога голем број врвни професионалци си заминаа во приватното здравство. Тоа се поттикнувало во минатото. Целиот процес на враќање на довербата, подобрување на условите во јавното здравство но и лекарската услуга, ќе се одвива споро, но полека и сигурно. Една од мерките е јавното приватно партнерство и изградбата на нов Клинички кампус. Ќе добиеме и нова инфраструктура која ветува одлично јавно здравство, кое ќе биде препознатливо и во регионот. Нема современи третмани во здравството без добра инфраструктура, без добар и обучен кадар во што ние особено и со внимание вложуваме.
Сега во јавното здравство претежно останаа лекари специјализанти кои ги изгубија едукаторите.
„Со измените во Законот за здравствена заштита, со укинувањето на паралелниот увоз на лекови, воведување на три нови видови инсулини, зголемување на бројот на инсулински пумпи, зголемување на буџетот за набавка на лекови за лицата со ретки болести, ние почнавме нова битка за подобра здравствена заштита кај децата“, рече министерот Филипче.
Министерството за труд и социјална политика неодамна обезбеди 30 милиони евра од Светската банка, од кои 16 милиони се наменети за изградба на нови градинки и проширување на постоечките, обезбедувајќи простор за нови 7.000 деца. Паралелно ќе се зголемува и бројот на вработени со што се очекува во наредните четири години застапеноста на децата од 35% да се зголеми на 50%. Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, се инвестира и во подобрување на квалитетот на предучилишното образование, се работи на нов систем на лиценцирање и унапредување на квалитетот на програмите во градинките.
Дополнително, правото на детскиот додаток за првпат ќе биде достапно и за домаќинствата со ниски примања. Ова значи дека бројот на деца кои ќе примаат детски додаток од 3.200 корисници ќе порасне на 73.500. Дополнително, воведуваме ново право – додаток за образование, наменето за деца во основно и средно училиште и од семејства со ниски примања, како и за деца на корисници на гарантирана минимална помош. Со ова, бројот на деца кои ќе примаат образовен додаток ќе порасне од 3.800 на 64.316.
Дел од законските измени се однесуваат на инклузивност на децата со попреченост во градинките, за кои се предлага наместо во посебни групи да се вклучат во редовните, со што во рамките на детските градинки ќе се формираат мултидисциплинарни/инклузивни тимови.