Во рамките на Светската конференција за климатски промени – СОР 24, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, оствари средба со помошникот државeн секретар во Министерството за животна средина на Република Полска, Славомир Мазурек.
Како што соопшти прес-службата на Министерството, на средбата било изразено обострано задоволство од добиената поддршка за министерската декларација „Оn forest for the climate“, предложена од Република Полска, а се разговарало и за очекувањата и одлуките поврзани со Светската конференција за климатски промени. Дополнително, во разговорите најголем акцент бил ставен на проблемот со аерозагадувањето.
„На состанокот беше договорено во рамки на ЕУ механизмите за поддршка, учество на експерти од Полска, во обезбедување на дополнителни механизми, со цел поуспешна имплементација на Планот за чист воздух“, соопшти Министерството.
Полска има 10-годишна програма за чист воздух, промовирана од премиерот на државата, која за цел има справување со аерозагадувањето од домаќинствата. Во рамки на таа програма предвидена е замена на печки за затоплување на домовите, предвидени се субвенции за енергетска ефикасност, како и стимулирање на поврзувањето на центалниот систем за затоплување. Средствата за реализација на таа програма се од националниот буџет, ЕУ средства и од поддршката на компаниите, односно од деловната заедница. Заменик министерот Макрадули, истакна дека планот за чист воздух, кој неодамна го донесе Владата, ги следи истите правци и компоненти.