Грчките пратеници гласаа против големото намалување на пензиите, што требаше да стапи на сила од први јануари.
Пратениците по скратена постапка едногласно се откажаа од намалувањето на пензиите со кое земјата на сметка на пензионерите би заштедила еден отсто од бруто домашниот производ на Грција, кој се проценува на околу 180 милијарди евра.
Ако мерката беше изгласана, 1,4 милиони грчки пензионери месечно, според проценките на Европската Комисија, ќе загубеа најмалку по 14 отсто од пензиите кои во текот на претходните години беа намалени во повеќе наврати.
Последната меѓународна програма за финансиска помош на Грција е завршена во август, но земјата се обврза на строга фискална политика во следните години, во замена за ветувањето дека кредиторите ќе ѝ ја олеснат отплатата на постоечките кредити.
Кредиторите неодамна се согласија дека на државниот буџет на Грција веќе не му се потребни радикални мерки за да биде врамнотежен.