Претставниците на спротивставените страни во воените конфликти кои го разораа Јемен, денеска се ракуваа во присуствo на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Договорот за прекин на огнот во борбите за приморскиот град ал-Худајда беше постигнат по седумдневни преговори во Шведска, од страна на министерот за надворешни работи Калид ал Јамани и претставникот на бунтовниците, Мухамед Абделсалам.
VIDEO: Rival sides in Yemen's civil war, the country's foreign minister Khaled al Yamani and rebel negotiator Mohammed Abdelsalam, shake hands after agreeing a ceasefire for the vital port of #Hodeida on the seventh day of UN-brokered peace talks in Sweden pic.twitter.com/SwwkigJOz8
— AFP News Agency (@AFP) December 13, 2018
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека завојуваните страни во Јемен, по една недела мировни преговори што се одржуваа во Шведска, се согласиле за воспоставување на прекин на огнот во провинцијата Худајда и за повлекување на силите од пристанишниот град на Црвеното Море.
Агенцијата АП објави дека Гутереш им се заблагодарил на делегациите од Јемен за, како што рекол, важниот чекор и вистинскиот напредок кон идните преговори за прекин на конфликтот, додавајќи дека следната рунда преговори се планирани кон крајот на месецот.
Бруталната четиригодишна граѓанска војна во Јемен ја водат меѓународно признатата влада, која ја има поддршката од коалицијата предводена од Саудиска Арабија и бунтовниците Хути кои ја уживаат поддршката на Иран, појаснува американската агенција.
Според Обединетите нации, воената состојба во земјата предизвика една од најлошите хуманитарни кризи во светот поради која на 29 милиони Јеменци им е потребна помош.
„Ова е само почеток“, рече Гутереш и им се заблагодари на двете страни за преговорите и поради тоа што покажале политичка свест и волја да разговараат за иднината на Јемен.