Министерот за култура, Асаф Адеми во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со амбасадорката на Австрија во Република Македонија, Ренате Коблер.
На средбата стана збор за досегашната соработка во областа на културата, како и за идните активности преку кои ќе се унапредува културната размена на проекти и уметници меѓу двете земји.
Двајцата соговорници се согласија дека соработка постои во сите дејности од културата. „Австриски уметници редовно се покануваат на меѓународните културни манифестации кои се одржуваат во земјава, како Струшките вечери на поезијата, Охридско лето, Мајски оперски вечери, а постои и континуитет во претставувањето на македонските уметници во Австрија“, соопштија од Министерството за култура.
На средбата, исто така стана збор и за реализацијата на традиционалниот Виенски бал во Скопје, кој ќе се одржи по 19-пат. На средбата, на која присуствуваше и Оливер Арсовски од организацијата на оваа манифестација, беше оценето дека Виенскиот бал во Скопје е манифестација што ја потврдува македонско-австриската соработка на полето на културата и уметноста.