Пентагон порача дека секоја еднострана акција во североисточниот дел на Сирија е неприфатлива и причина за голема загриженост, откако Турција најави дека ќе започне нова воена операција на тоа подрачје.
Анкара и Вашингтон долго време се во судир поради Сирија, каде САД се во борба против Исламска држава поддржувајќи го Курдскиот ЈПГ, кого Турција го смета за терористичка организација и продолжена рака на забранетата Курдска работничка партија.
Неколку часа по најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Турција планира операција, САД предупредија дека секоја еднострана акција ги загрозува заедничките интереси за обезбедување на границата меѓу Сирија и Турција.
„Било какво еднострано воено делување во североисточна Сирија, особено во моменти кога на тоа подрачје или во негова близина би можело да се наоѓа американски персонал, причина е за голема загриженост. Секое такво делување за нас би било неприфатливо“ порача портпаролот на Пентагон, Шон Робертсон.