Припадник на Вооружените сили на Турција е убиен денеска на турска територија во близина на границата со Сирија, при стрелба од реонот на сириското село Тел Рифат.
Како што соопшти турското Министерство за одбрана, војникот бил убиен од страна на припадници на Силите на заштита на народот на сириските Курди, кои се стационирани во тој дел од Сирија.
Убиството на турскиот војник доаѓа во очекување на почетокот на воената операција на Армијата на Турција против Силите за заштита на народот, што вчера ја најави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Турската телевизија НТВ претходно денеска јави дека Вооружените сили на Турција ги завршиле подготовките за воената операција против силите на сириските Курди во областите источно од реката Еуфрат во северна Сирија.
Според НТВ, топови и тенкови на Армијата со камиони денеска биле префрлени во реонот на градот Килис, кој се наоѓа на границата меѓу Турција и Сирија. Во градот биле прераспоредени и припадници на турските Вооружени сили од други реони на земјата.