Канадската министерка за надворешни работи, Кристија Фриланд изјавила дека кинеските власти испитувале уште еден канадски државјанин, по што Отава не можела да стапи во контакт со него.
„Уште еден канадски државјанин не извести дека го испитувале кинеските власти“ рекла Фриланд, два дена откако во Кина беше уапсен канадски дипломат.
„Потоа не успеавме со него да стапиме во контакт и настојуваме да дознаеме каде се наоѓа“ истакнала министерката, додавајќи дека за се побарале информации од кинеските власти. Со оглед дека се работи за чувствителна ситуација, Фриленд одбила да даде повеќе информации за неговиот идентитет. Но Би-би-си објави дека се работи за Мајкл Спавор, бизнисмен кој живее во Дандонг, град во близина на границата со Северна Кореја. Особено е интересно што на неговиот Фејсбук профил можат да се пронајдат фотографии со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, како и со славниот американски НБА кошаркар Денис Родман, кој повеќепати ја посетил Северна Кореја. Исто така има и скриншот од текст на Би-би-си за западни бизнисмени кои тргуваат со Северна Кореја, а меѓу нив се наоѓа и негова фотографија.
Како што пренесува канадски Си-би-ес, Спавор има блиски врски со Северна Кореја, која често ја посетува и коментира теми врзани со неа, а познат е и по организирање на состаноци меѓу Ким и странски спортисти, вклучитело и Родман.
Кина соопшти дека како и во претходниот случај со приведување на канадски државјани, и Спавор е под истрага поради сомневање дека се впуштил во активности кои ја загрозуваат кинеската национална безбедност. Пред два дена Отава потврди дека во Кина е уапсен канадски државјанин Мајкл Ковриг, поранешен дипломат кој работел за меѓународна кризна група, со седиште во Берлин.