Вработените во Клинички центар денеска повторно протестираа и ја блокирааа наплатата на паркингот, во знак на револт поради одлуката за зголемување на цената на месечниот износ за паркингот кој е зголемен од 300 на 800 денари.
Оваа наша постапка е насочена исклучиво и единствено против одлуката на градските власти, истакна Горан Беговиќ претседател на Синдикатот на Клинички центар на денешниот штрајк против одлуката за покачување на цената на паркингот во Клиничкиот центар.
Тој наведе дека синдикатот ги повикува градските власти под итно да ја поништат одлуката.
-Не прифаќаме комуникација преку медиуми, туку преку дијалог.Сакаме веднаш со одлука и договор да ни се даде, истакна Беговиќ.
Освен враќање на старата цена за паркинг, лекарите денеска бараа и продолжување на дијалогот за покачување на платите.
Тие се незадоволни од динамиката со која се водат преговорите за покачување на платите на вработените во Клинички центар, па бараат итно продолжување на дијалогот со ресорното министерство и Самостоен Синдикат на Клинички Центар по основ на ветените покачувања за сите вработени без поделба на коефициенти по профили.
-Го повикуваме министерот за здравство поради актуелната состојба веднаш да ја организира ветената средба со премиерот. Господо од власта ветивте двојно зголемување на платите на здравствените работници, а на докторите специјалисти дека ќе ги покачите најмалку до 100.000 денари. Свикавте прес-конференција за медиуми за покачување пет посто без наше знаење и учество, потенцираше Беговиќ и наведе дека со таа постапка крајно ги понижиле.
Според него, целата јавност во Македонија разбра дека докторите ги покачиле платите за десет посто, а медицинските сестри и другите вработени во здравството за 2019 година ќе ги покачат платите за пет посто. Во меѓувреме некои ги покачија своите плати за 35 посто без никаква прес-конференција.
Тој ги замоли властите да не ги повторуваат дежурствата, да најдат доктори и веднаш да организираат сменска работа.
-Претстанете да ги плашите вработените за здравството со проекти со ЈПП, престанете да ја заплашувате нашата администрација со реформи. Само со активно учество на синдикатот прифаќаме реформи во нашата администрација, заклучи Беговиќ.
Градоначалникот Петре Шилегов вчера изјави дека се размислува паркингот на Центарот да се врати на комплексот клиники “Мајка Тереза” и сам да управува со него, како што беше пред да го преземе Градски паркинг.