Проектот „Реконструкција и адаптација на влезот и салата од Советот на општина Охрид” беше избран за приоритетен проект на последната, четврта по ред сесија од Форумот на заедници што денеска се одржа во Охрид. Проектот вреден 50 илјади швајцарски франци ќе се реализира со целосна финансиска поддршка на УНДП и Амбасадата на Швајцарија во Македонија.
Доколку при реконструкцијата и адаптацијата на влезот и големата општинска сала не се потрошат сите предвидени средства, остатокот од нив ќе бидат пренаменети за реализација на некој од трите преостанати проекти за кои гласаа седумте работни групи на Форумот, и тоа за уредување на младинска канцеларија и младински совет, за поголема туристичка презентација на општина Охрид преку нови форми на маркетинг и подобрување на условите за настава и работа во ОУ „Христо Узунов”.
Инаку, Форумот на заедници го организираше Општина Охрид, како дел од проектот за Зајакнување на општинските совети.
На денешната сесија од серијата средби во рамки на Форумот на заедници градоначалникот Јован Стојаноски посочи дека партиципативната демократија е извонредна можност за решавање на проблемите во една заедница. Според него, ваквите форуми се можност за генерирање идеи и давање предлози за решавање на проблемите.
На денешната завршна средба и претходеа три работни сесии на кои седумте работни групи во кои имаше претставници на Советот на општина Охрид, општинската администрација, претставници на невладиниот и бизнис сектор дебатираа и предлагаа проекти за социјална инклузија.