Кипарскиот претседател, Никос Анастасиадес, на чијашто иницијатива синоќа лидерите на Европската Унија расправаа во Брисел за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, изјави дека ситуацијата не е добра и тарифите прават непотребна блокада, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Тој истакна дека неговата иницијатива е резултат на недамнешната посета на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Никозија.
Во расправата учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини која наведе дека одлуката на косовската влада за воведување на тарифите на производите од Србија и Босна и Херцеговина ја отежнува атмосферата во дијалогот.
Могерини укажа дека и на внатрешен план на Косово има политички проблеми бидејќи претседателот и премиерот не говорат на ист јазик, па тоа ги комплицира и блокира односите.
Могерини потврди дека постои ангажирање во Европската Комисија да им се помогне на Приштина и Белград да ја надминат кризата.
Високата претставничка, според извори од Европа, оценила и дека трансформацијата на КБС во армија не е добредојдена и оти тоа не е конструктивен потег.