Да не бев лекар верувам дека ќе бев гитарист или ќе се занимавав со нешто поврзано со музика. Во мојата канцеларија ќе забележите голем број на CD-иња од Ју-ту, Стинг, Ерос Рамацоти. Често слушам музика. Најверојатно ќе свирев гитара и ќе градев музичка кариера, но татко ми вика само за глас треба да се родиш со таква дарба дека се друго се се учи така да…- вака д-р Владимир Чадиковски- мажот на годината за 2018 ја раскажува својата приказна за 24 инфо. Интревјуто го правевме во неговата канцеларија, веднаш по штотуку завршена операција. Спонтан, насмеан и ведар како секогаш вели дека е човек кој го обожава семејството, ги сака пријателите и ужива во секој момент поминат со нив.
Валентина Ангеловска
Сакам добра храна, голем љубител сум на патувањата. Слушам многу музика, секој слободен момент го користам да изгледам добар филм- вели доктор Чадиковски.
Работи во една од една од најтешките и најризичните гранки на медицината. Згора на тоа пациенти му се деца.
-Зад мене и мојот тим се повеќе од 350 операции на деца со срцева мана. Пациентите со кои работиме во детската кардиохирургија во најголема бројка се бебиња со ненаполнета една година. Со тимот успешно ја направивме првата операција во земјата на отворено срце кај бебе кое имаше само 8 килограми. Секој од овие случаи си имаат своја тежина и кон секој случај, кон секое бебе пристапуваме со голема професионалност и медицинска грижа- вели докторот.
За него не постои лесен и тежок случај. Објаснува дека секоја дијагноза со себе си носи определена тежина и ризик. Ако треба нешто да издвои, некој случај како посебен, секогаш ги одбира позитивните исходи од неговата работа.
– Последно се големиот број на бебиња родени со срцеви аномалии кои ги оперираме тука и по зафатот растат и се развиваат сосема нормално, здрави, полни со енергија како своите врсници. Но морам да потенцирам некогаш кардиохирургија носи свои ризици, компликации секаде во светот. Се трудиме со тимот секогаш да дадеме се од себе и да ги сведеме на минимум ризиците следејки ги светските стандарди. Со други зборови мирно да спиеме, дека се сме направиле се во нашите можности- вели Чадиковски.
На прашањето дали гледањето на децата како пациенти е исто пред да станете татко и по тоа, доктор Владимир вели дека нема потешка, но и поблагородна работа од тоа да работите со деца.
-Откако станав родител малку поинаку ги гледам работите, но додека сум на работното место се трудам да останам професионален и со “ладна глава “да му пристапам на секој случај. Навистина се трудам секогаш да бидам позитивен и да бидам тука за родителите без оглед дали станува збор за консултација или не ретко и поддршка низ целиот процес кој го поминуваме заедно- вели Чадиковски.
Важи за еден од најзгодните доктори во Клинички центар. Потврда за тоа на некој начин е и титулата „Маж на годината“, која првпат се доделува во Македонија. На наше прашање во што е тајната, докторот вели дека признанието доаѓа на крајот од годината во која се случиле големи позитивни промени во неговата кариера.
-Ја завршив субспецијализацијата по детска кардиохирургија и станав првиот детски кардиохирург во Македонија. Воедно одбележав и 21 година слободно можам да кажам успешна кариера. Убаво е кога гледате дека некој ве следи и го вреднува вашиот и трудот на вашиот тим. Сите признанија и награди се дополнителен поттик за понатамошно усовршување, посветеност на работата и секако висока продуктивност. Им благодарам на организаторите Фрајдеј.мк за честа, навистина беше убаво професионално организирано.
Го прашавме што ве релаксира после напорниот работен ден?
Вели дека најголема релаксација му се моментите поминати со синот и игрите со него.
-Некако тогаш се исклучувам од се и уживам во безгрижните детски игри. Потребен ми беше подолг период да ја најдам најсоодветната физичка активност која би ми помогнала брзо да се вратам во форма по долги часови поминати во операциона сала. Се обидов со неколку спортови, но во трчањето се пронајдов најмногу. Активно трчав повеќе од една година, а веќе учествував и на неколку маратони. Се повредив пред една година и престанав сега сакам полека да се вратам во форма- вели Чадиковски.
За новогодишните и божиќните празници вели дека најчесто е дома, но се случува и да биде на Клиника.
– Во текот на годината многу патувам, работата ми е таква што бара често и покрај дежурствата да бидам постојано присутен на Клиника и достапен за пациентите, па затоа и не ретко се случува за жал да пропуштам некои семејни моменти. Со успешно менаџирање на времето, успевам секогаш за Божиќ да бидам дома и да го одбележиме денот заедно со жена ми и синот. Тоа се моменти кои навистина многу ми значат и ме полнат со позитивна енергија- вели Чадиковски.
На прашањето дали има наследник и колку младите колеги се заинтересирани за неговата специјалност, Чадиковски вели дека во неколку млади колеги гледа голем потенцијал.
– Искрено се надевам дека ќе бидат доволно упорни и посветени и ќе станат доктори- хирурзи на кои ќе бидеме горди и ќе продолжат да ја развиваат, усовршуваат, да ја донесат на едно повисоко ниво медицината во Македонија. Јас ја имав таа среќа за ментор да гo имам еден од најголемите имиња во детската хирургија кај нас проф. Ацо Димов. Во текот на целата специјализација ме водеше проф. Димов кој ми ги пренесе основните тајни на детската хирургија кои денес јас ги пренесувам на новите генерации- завршува Чадиковски.
фото: Слободан Ѓуриќ