Заклучоците на УНИЦЕФ од последната анализа на постоечкиот систем за детски додатоци се целосно во согласност со социјалната реформа што ја предложи Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Од МТСП велат дека во однос на родителскиот додаток за трето дете, УНИЦЕФ потенцира дека мерката повлекува огромни трошоци, а истовремено голем број социјално загрозени домаќинства со деца не добиваат помош. Имено, во сценарио каде сите домаќинства со трето дете помало од десет години добиваат додаток, само една четвртина од тие трансфери би завршиле кај социјално најзагрозените, десет отсто од населението.
УНИЦЕФ, стои во соопштението, препорачува трансформација на оваа мерка, со оглед на малата веројатност дека родителскиот додаток ќе има влијание на одлуката кај релативно имотните семејства да имаат повеќе деца, како и недоследностите на политиката кога ќе се спореди со лимитот за детскиот додаток и неговиот мал опфат. Целта на овој чекор е ограничените буџетски ресурси кои се на располагање да се користат ефективно за да се одговори на потребите на најсиромашните семејства. Според анализата, актуелниот систем за социјална парична помош не ги дава посакуваните резутати.
– Министерството за труд и социјална политика сите овие прашања ги опфаќа во реформата за социјалната и детската заштита. Се воведува Гарантиран минимален приход, но и се проширува правото на користење на детски и образовен додаток. Со реформирање на системот на права за детска заштита, правото на детскиот додаток за првпат ќе биде достапно и за домаќинствата со ниски примања. Ова значи дека бројот на деца кои ќе примаат детски додаток од 3.200 корисници ќе порасне на 73.500. Дополнително, воведуваат ново право, образовен додаток. Овој додаток место досегашните 3.800 ќе може да го користат 64.316 деца, соопшти МТСП.