Ајде Мицкоски собери храброст, кажи јасен став, зошто си против ЕУ и НАТО и која е алтернативата, прашува СДСМ, реагирајќи на прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој претходно со зборовите „Ајде господине Заев, бирајте каде сакате“, побара од премиерот да излезе на дебата.
„Христијан Мицкоски треба да се охрабри и да каже јасен став, зошто е против ЕУ и НАТО? Наместо да врти од околу, да се крие зад портпаролите и да одбегнува одговори, Мицкоски да каже која е алтернатива за членството во најмоќните сојузи ЕУ и НАТО, за да може да учествува на ТВ-дуел. ТВ-дуелот подразбира соочување на ставови. Крајно несериозно е Мицкоски да повикува на телевизиско соочување, а при тоа да нема јасен став за најважните прашања за иднината на Македонија“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Владејачката партија додава дека Мицкоски стои во заштита на криминалот на Никола Груевски и се профилира како анти ЕУ и анти НАТО.