Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск соопшти дека ЕУ стои зад усвоениот Договор за повлекување на Велика Британија од Унијата и политичката декларација за идните односи, како и дека планира да премине на нивна ратификација.
„Тоа веќе не е отворено за преговори“ порача Туска и додаде дека она што претстои се само преговори за идните односи меѓу Унијата и Британија.
Туск, по обраќањето на британската премиерка Тереза Меј, како и по дискусијата со другите 27 лидери на земјите членки на ЕУ, повтори дека Европскиот совет не сака дополнителни преговори за веќе усвоен договор за повлекување на Велика Британија од ЕУ.
„Европскиот совет повтори дека сака и во иднина да воспостави што поблиско партнерство со Обединетото Кралство. Подготвени сме да започнеме со подготовките веднаш по потпишувањето на договорот за повлекување, за да обезбедиме преговорите за идните односи да можат да почнат што побрзо, а по повлекувањето на Британија“ порача Туск.
Претседателот на Европскиот совет повика на јакнење на подготвеноста на сите нивоа за повлекување на Британија од ЕУ, земајќи ги во предвид сите можни исходи.