Иако бевме жртви на настаните од 27 април имаме одговорност како луѓе во Владата да ѝ помогнеме на државата да продолжи напред кон целта, да се одлепи од дното и да не ги повторува грешките, а единствена шанса за тоа е перспективата во НАТО и ЕУ, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за 1 ТВ, говорејќи за законското решение за делумна амнестија за собраниските настани.
За селективната амнестија за 27 април како црвена линија за да поминат уставните амандмани и дали сѐ е дозволено во името на евроатлантските интеграции Шекеринска вели дека иако како граѓани, на пратениците им е најлесно да кажат дека секој што учествувал треба да одговара, како одговорни политичари, мора да и помогнат на Македонија да заздрави од траумата.
-Темата помирување, како да ги залечиме раните, ѝ претходеше на дебатата. Лага е дека во дебатите за амнестија во јули со ВМРО-ДПМНЕ некој од нас барал амнестија за 27 април. Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги пушти низ вода сите што учествуваа во таа драма во Собранието. Тие единствено што бараа беше амнестија за криминалот и за злоупотребите, за предметите во СЈО и што се однесуваат на бомбите, рече Шекеринска.
Според неа, не се сите еднакво одговорни за случувањата и тоа се става во законот, без да се мешаат во работата на судството.
-Јасно ставивме на знаење дека има разлика меѓу оние што организирале, оние коишто биле директни починители на насилството и оние кои го поддржале. Во законот е јасно дека нема теоретска шанса да прифатиме да бидат ослободени од одговорност оние кои го креираа и го организираа овој монструозен акт, наведе Шекеринска.
Јас колку што сум видела работна верзија не влегува ни во намалување, ниту во зголемување на казната. Но, законот ги дефинира кои се тие кривични дела кај кои нема да важи законот за амнестија. Тоа значи дека обвинител и утре судија ќе ги осудува тие коишто смета дека се организатори и причинители на насилство само врз основа на овие неколку дела и тие дела и тие дела носат серизони казни, но тие казни согласно постоечкиот Кривичен законик не се толку високи иако станува збор за сериозен број години, но не е толку висок прагот како по обвинителниот акт којшто во моментов се користи од страна на обвинителот, рече Шекеринска.
Таа истакна дека ќе поддржат решенија што ќе ја зголемат улогата на опозицијата и контролата на Собранието врз Владата и која што ќе им даде шанса на пратениците да функционираат без страв и без притисок. – За ова нашиот позитивен став е познат од 2013, но ниту еден од овие документи како што е на пример Деловникот не сакаме да го носиме и без опозицијата. И затоа работната група ќе биде, јас се надевам, добар начин не само да се справиме со последиците од 27 април, туку да се справиме со таа една војна во која ако си власт ти се може се, а ако си опозиција треба да трпиш се. Јас не гледам среќа во таква држава. Не гледам дека е тоа подобра перспектива за нашите млади, наведе Шекеринска.
Според неа, Македонија за да стане подобро место за живеење мора да покаже дека оние кои ќе го кршат законот, а се на највисоки функции мора да одговараат. – И таа лекција ако не ја научиме овој пат кога луѓето можеа со свои уши се да чујат никогаш нема да ја научиме. Затоа велам влеговме во процесот на уставни измени со чиста и чесна намера и со позитивна мисла да создадеме мнозинство водени од заедничката желба државава да си ги отвори вратите кои 10 години седеа затворени, посочи вицепремиерката.
Таа истакна и дека имаат одговорност да направат се поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство да биде само времен бегалец. Истрагата што се води за бегството на Груевски првин треба да ни ги дефинира фактите за оттаму да произлезе и кривична одговорност која сум сигурна дека некаде постои, рече Шекеринска.
Истрагата, дополни, треба да ги утврди и како што посочи, „дупките што овој тип на криминална структура ги употребила”.
-Криминалната структура која долги години ја креирал и создавал Груевски во комбинација со многу пари и можна поддршка на некоја странска држава, овие три работи се многу силен триаголник кој ќе ви обезбеди бегство во која било држава, наведе Шекеринска.