Јувентус долго време се обидува да ја поништи одлуката според која титулата од 2006 година му припадна на Интер, но денеска Италијанскиот касациски суд ја одби жалбата наведувајќи дека не е надлежен за спортски теми.
„Бјанконерите“ останаа без две титули поради аферата „Калчополи“, од кои едната не му беше доделена на ниту еден тим, додека втората ја доби Интер кој го заврши првенството на третото место, зад Јувентус и Милан кои беа казнети поради „Калчополи“. Јувентус смета дека одлуката не е исправна поради фактот што италијанските обвинители поведоа случај и против Интер, но овој клуб не беше казнет поради застареност на делото и бараше титулата да му биде одземена.
По неколку отфрлени жалби од повеќе инстанци, слично помина и до касацискиот суд кој процени дека не е надлежен за ваква проблематика, со што завршува правната процедура. По ваквиот епилог се огласи и поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати, кој испрати порака до раководството на Јувентус.
– Ова е нормална одлука и последица на тоа што се случуваше. „Скудетото“ отсекогаш ни беше загарантирано, а сега тоа треба да го прифатат и во редовите на Јувентус. Бев сигурен за ваков епилог, отсекогаш сум бил добар пријател сум со Андреа Ањели, може да се каже дека последниот период тоа е јавно поизразено, – истакнал Морати.