Влатко Ѓорчев 20-ина години е дел од ВМРО-ДПМНЕ и исто толку години ги поддржува погубните политики на неговата партија. Доколку сакаше, Ѓорчев во овие 20 години ќе придонесеше за намалување на иселувањето на граѓаните, реагираат од СДСМ на денешната прес-конференцијана пратеникот од опозициската партија.
Тие сметаат дека токму поради, како што велат, криминалните, антидржавни и расипнички политики на претходната власт над 600.000 граѓани ја напуштиле државата.
„Денешниот настап на Ѓорчев е лажен, лицемерен и неискрен кон граѓаните. 600 000 граѓани протерани од својата држава, цели семејства избришани од Македонија е црната слика што ја остави ВМРО-ДПМНЕ зад своето 11-годишно владеење. Наспроти таа црна слика, денес владата предводена од СДСМ посветено работи во сите сегменти на општеството, со цел подобар живот за сите граѓани“, стои во реакцијата на владејачката партија.
Од таму додаваат дека растот на БДП, намалувањето на невработеноста, растот на минималната плата, растот на пензиите, зголемената социјална помош и опфатот на поголем број лица од ранливите категории се потврда за грижата кон граѓаните и потврда дека Македонија се движи напред.