Врховниот суд на Германија го доведе во прашање законот за забрана на бракови на малолетници и нареди проверка на неговата уставност, објавија германските медиуми.
Врховниот суд заклучи дека законот за забрана на бракови со малолетни лица, кој беше донесен во 2017 година како реакција на доаѓањето на голем број на бегалци од култури каде што ваквите бракови се честа појава, не е во согласност со уставните одредби за заштита на семејството и бракот.
Според овој закон, сите бракови со малолетници во Германија се автоматски неважечки.
Во конкретниот случај кој го резгледува судот, се работи за девојка од Сирија која во 2015. година на 14-годишна возраст е омажена со нејзиниот 21-годишен братучед. По пристигнувањето во Германија, во екот на бегалската криза, Канцеларијата за заштита на деца и млади го презела старателството врз малолетната Сиријка, на што сопругот поднел жалба до Врховниот покраински суд во Бамберг, кој заклучил дека тоа не е принуден брак и истиот го прогласил за важечки.
Но, овој брак автоматски станал неважечки по стапувањето во сила на новиот закон.
Експертите уште пред донесувањето на законот ги критикуваа неговите бројни пропусти, кои се однесуваат на заштитата на малолетните брачни партнери (обично девојчиња) откако бракот во Германија автоматски ќе стане неважечки.
Законот не го дефинира односот кон децата родени во овие бракови, ниту материјалната сигурност на малолетните брачни партнери кои одеднаш се наоѓаат под државна заштита.
Врховниот суд смета дека новиот закон отвора ризик за полигамија. Оваа правна истанца смета дека со цел заштита на малолетните брачни другари треба да се одлучува за секој случај поедничено, така што правата на малолетникот да не бидат повредени.