Грчкиот премиер Алексис Ципрас од партискиот политички настан организиран од СИРИЗА во Солун порача дека Левицата не ја продава Македонија. ,,Левицата го спасува културното и историското наследство на грчката Македонија. Ова го прави левицата со Договорот од Преспа”, рече Ципрас.
Осврнувајќи се на Договорот од Преспа, тој истакна дека 25 години национализмите и од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот“. Според него, патриотизам е грижа за напредокот и колективниот просперитет на твојата татковина, а не катастрофа на татковината на тие што се до тебе.
,,Патриотизам е да ја сакаш твојата татковина и да се жртвуваш за неа, а не да ги мразиш другите татковини”, порача Ципрас.
Помала група демонстранти предизвика мали инциденти на крајот од протестот во Солун, против Договорот од Преспа и по повод политичкиот настан на СИРИЗА на кој говореше грчкиот премиер. Групата, со пиротехнички материјали ја нападнала полицијата, која одговорила со мала количина солзавец, а кусо интервенирала и со водени топови.