Книгата „Поглед кон внатре” од проф. д-р Стево Пендаровски е промовирана вечерва во киното „Култура” во Скопје.
-Станува збор за издание во кое се поместени 127 колумни кои ги објавував пред една декада во периодот од 2009 до 2011 година во тогашен „Дневник” и во 2012, 2013 година во тогашниот неделник „Граѓански”. Долго време размислував дали да ги ставам во книга, меѓутоа, знаејќи дека не можете да ги најдете тие текстови дури ни на интернет денеска, бидејќи архивите на двете печатени изданија се отидени во неповрат, решив да остане како мој личен запис за тоа време. Многу од работите кои подоцна ни се случуваа и тогаш почнаа да земаат облик и можевме општествените феномени кои ни предизвикаа толку многу потешкотии во нашето интегрирање со светот, уште тогаш да ги видиме, рече Пендаровски.
Моето скромно убедување, посочи, е дека во 2008, 2009, 2010 година почнува оформувањето на автократскиот режим во Македонија.
-Текстовите се однесуваат главно на тие автократски тенденции на тогашната власт. Изданието во печатен облик е во 200 промероци, меѓутоа очекувам дека многу повеќе од тоа ќе одат во дигитална форма. Изданието нема да биде во продажба, додаде Пендаровски.
Академик Луан Старова рече дека книгата содржи 70-тина мали есеи во кои се претставени различни настани од геополитички, геостратегиски карактер главно од последните две децении.
-Импонира во книгата една прегнантна визија на сите состојби на главните состојби во нашата земја во еден мошне значаен период. Пендаровски во своите текстови се обидува да влијае врз свеста на граѓаните во еден мошне критичен, неизвесен период за земјата и за народот. Ако може да се извлече некаква поука од оваа книга која е преполна со мудрости, поуки, укажувања, е дека со неа ние добиваме една извонредна лектира за геополитичките настани. Оваа материја нема некаква посебна традиција кај нас и авторот покажува извонреден сенс да организира една ваква книга. Тој е воедно свесен дека во неговите геостратегиски визии за иднината, за идните генерации се разбира нема да биде се розово, дека нашиот европски континент го очекуваат потреси, додека во светот се јавува една нова сила во мултиполарниот свет, а тоа е Кина, рече академик Старова.
Според Старова, земјата, воопшто европскиот регион во една подалечна иднина го очекуваат многу предизвици.
-Се вели дека идните генерации ќе бидат соочени со разорнување на многу гордиеви јазли. Мислам дека Стево Пендаровски е на пат да понуди такви визии, согледувања, за да се реши најпосле еден од балканските јазли, додаде Старова.
На промоцијата присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министри, професори, академици…