Европската Унија длабоко жали за одлуката на косовската влада за зголемување на царините од сто проценти за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина, како и наметнувањето на нецаринските препреки. ЕУ бара итно повлекување на мерките. Ова се наведува во соопштението по заедничкиот совет за стабилизација и асоцијација ЕУ-Косово во Брисел.
Европската Унија смета дека воведувањето на таксите им штети на економските интереси на Косово и неговите жители, бидејќи ја намалува привлечноста на земјата како место за вложување и работење.
ЕУ во соопштението ја нагласува важноста од продолжувањето и ефикасното спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и договорените обврски на полето на трговијата и царината.
Претохдно, извори од ЕУ соопштија дека состанокот со косовскиот премиер, Рамуш Харадинај поминал во студена атмосфера, а заедничката прес-конференција на првите луѓе на ЕУ, Јоханес Хан и Федерика Могерини со Харадинај беше откажана, откако косовскиот премиер грубо го отфрлил барањето на Унијата за укинување на царините.