Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денеска се обрати и од Штип, од каде порача дека опозициската партија ќе биде насекаде низ Македонија за да го продолжи серијалот и да им покаже на граѓаните дека СДСМ ништо не работи. Претходно, тој беше во посета на Свети Николе.
„Почнуваме еден серијал каде што сакаме да им покажеме на граѓаните дека се она што го вети СДСМ излажа. Денеска имавме можност да бидеме во Свети Николе, а сега дојдовме тука и во Штип да ги слушнеме граѓаните, да ги слушнеме нивните проблеми, но и да слушнеме што се она ветено, а не е остварено. Тука во Штип исто така може да видиме дека иако се фалат со многу проекти нема ништо. Капиталните инвестиции во Република Македонија се на едно минимално ниво“, оцени Мисајловски.
Тој додаде дека додека ВМРО-ДПМНЕ биле на власт оставиле голем проект, говорејќи за автопатот од Скопје до Штип, но актуелната власт не се заложила околу проектот.
„Иако беше ветувано дека ќе биде завршен на почетокот на оваа година, па потоа и до средината на оваа година, но веќе на крајот на оваа година може да видиме дека се уште не е пуштен. Тие се навикнати да играат чочеци, но изгледа оваа година нема да има ништо. Очекуваме дека следната година ќе го пуштат во употреба модерниот автопат од Скопје до Штип. Бидејќи тој проект е за Скопје, односно за Штип. Овој проект е еден од најважните и најдобрите на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мисајловски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ го започнале и проектот експресен пат од Штип, Радовиш до Кочани, но сега слабо се работи или ништо не се работи.