Потрошувачите не си ги знаат правата, трговците им ги премолчуваат, а инспекциите се слабо екипирани

Облеката, обувките и секој друг производ што нема гаранција, а покаже каква било недоследност, всушност може да се рекламира, замени или врати во период од најмалку шест месеци, но само ако не е користен и ако амбалажата и фискалната сметка се зачувани.

Ова е само една од опциите за кои голем дел купувачи не се информирани ниту трговците им ги предочуваат во купопродажбата.

-За сите видови производи за кои не е предвиден посебен гарантен рок, потрошувачите имаат право на минимална гаранција од шест месеци, а трговците ги лажат дека немаат никаква гаранција. Со овој проблем потрошувачите најмногу се соочуваат кога купуваат облека на која, на пример, уште при првото перење ѝ избледува бојата. Потрошувачот во овој случај има право да побара замена, но тоа право не му го остваруваат. Слични проблеми се јавуваат и при купувањето обувки. Тука, секако, треба да се напомене и дека има злоупотреби од страна на потрошувачите. Тие може да бараат замена, но не и да купат накит, да го носат на свадба и потоа да го вратат. Според Законот, за да се врати производот, не треба да биде употребуван, мора да има фискална сметка и амбалажа, а потрошувачите не знаат дека треба да ја зачуваат амбалажата, ќе ја фрлат и потоа не можат да го остварат своето право, вели Павле Костоски од Организацијата на потрошувачите (ОПМ).

Според ОПМ, и годинава најмногу поплаки од страна на потрошувачите има за неисправни мобилни телефони и компјутери (вклучувајќи и лаптопи), за машини за перење, неквалитетно изработен мебел и за туристички патувања.

Чести се и претставките за ненавреме доставени производи, за продажбите од врата на врата, за склучувањето договори за продажба надвор од деловни простории, како и за купени расипани производи.

Но, инспекциските служби се недоволно екипирани. Поради недостиг од кадар, Државниот пазарен инпспекторат, предочува ОПМ, не може да постапи во сите случаи.

Како што истакнува Костоски, во однос на мобилните и компјутерите потрошувачите многу често уочуваат недоследности веднаш штом ќе ги купат. Ќе отидат дома и ќе сфатат дека не работат. Но, имаат право, во согласност со Законот, во рок од 15 дена да го вратат производот.

-Има поплаки дека во продавницата додека купувале, апаратот бил во ред, но кога дошле дома, екранот бил скршен. Затоа треба отворање очи, она што се купува детално да се прегледа. За таквите недостатоци мора веднаш да се реагира. Посебно проблем настанува кога потрошувачите купуваат телефони преку договори со телекомуникациски оператор, на рати, на две или една година, зависно од желбата или потребата. Телекомуникациските оператори во тој случај не сакаат да им ги вратат телефоните, а членот 50 од Законот за заштита на потрошувачите им го гарантира таквото право, вели Костоски.

Сличен проблем настанува кога и по три сервисирања, односно и во рок од 30 дена, мобилниот не се поправа.

-Ако во ваков случај мобилниот сè уште не работи, потрошувачот има право на нов телефон. Ако и во рок од 30 дена при првиот сервис телефонот не се поправи, потрошувачот има право на нов телефон. Ова право може да се оствари преку Државниот пазарен инспекторат, нагласуваат од ОПМ.

Во врска со белата техника, се случува, ако сте купиле машина за перење, таа да троши многу повеќе отколку што е прикажано во декларацијата или да пропушта вода.

-Бројни се и поплаките за неквалитетно изработен мебел. Првите неколку денови креветот се кине или душекот се расипува. Во ваков случај, потрошувачот не може да се повика на Законот за потрошувачи, кој вели дека во рок од 15 дена мора да бара замена на производот, зашто не важи за производи изработени по нарачка. Штом потрошувачот ќе каже дека му треба мебел со такви и такви димензии, не може да се повика на соодветниот член во Законот. Но, може да бара сервисирање на производот зашто има гаранција, објаснува Костоски.

Туристичките патувања, особено за летните одмори, сè уште се едно од најгорливите прашања. На купувачот му се кажува дека хотелот е на пет метри од плажа, а всушност е на два километра или му се вели дека услугата е „сè вклучено”, а има само појадок, без ручек. Манипулации се прават и со автобусите – се посочува дека се наводно климатизирани, но често не е така.

-Во случај на откажување на аранжманите од страна на туристичките агенции, ако не е исполнет потребниот број патници, на купувачите не им се враќаат парите. Слично како кога има некои недостатоци при аранжманот. Проблемот тука настанува кога се засегнати поголем број потрошувачи, зашто кај нас, во Македонија, не постојат механизми за колективна заштита на потрошувачките права. Тоа е уредено со новиот закон што треба да се донесе, подвлекуваат од ОПМ.

И телекомуникациите не се изземени од поплаките на потрошувачите. Најчесто се поради немање мрежа подолго време или затоа што на купувачите не им било укажано дека ако еднаш бидат исклучени, за повторно вклучување треба да платат надомест од 300 денари. Исто така, при пренос на картичка им се наметнуваат дополнителни трошоци или брзо им се троши интернетот, за роаминг, пак, не им се кажува дека треба да го исклучат за да не им направи големи трошоци.

– Ова се случува и при исклучување на електричната енергија – за повторен приклучок потрошувачите треба да платат 1.000 денари. Потрошувачите реагираат дека тоа не стои во ниту еден договор, но стои во Правилникот за снабдување со електрична енергија, укажува Костоски.

Во однос на јавните услуги, има многу поплаки за струјата – прекини во испорака подолги од 24 часа, паушално наплаќање, наметнување да се платат застарени сметки…

-Потрошувачите не знаат дека сметките застаруваат за една година, но и кога се застарени, треба да се повикаат на застареноста. Кога ќе им стигне платен налог од нотар, тие треба да поднесат приговор во рок од осум дена, со кој ќе се повикаат на застареноста. Ако не се повикаат, ќе мора да ја платат сметката, објаснуваат во Организацијата на потрошувачите.

Годинава има зголемен број поплаки и за недоставени производи. Ако за 30 дена купувачите не го добијат производот, во согласност со Законот, договорот се смета за раскинат, а трговците треба да им ги вратат парите, но тоа не го прават. Евидентен е и бројот на претставки за договорите за продажба надвор од деловни простории и продажба од врата на врата. Во вакви случаи на потрошувачите не им се кажува дека имаат право да го откажат договорот во рок од 14 дена.

Во делот „исхрана”, претставките генерално се сведуваат на немање или нечитливи декларации. Ако купи расипана храна, потрошувачот има можност да ја врати во рок од три дена, но неретко трговците се противат на тоа и не им го остваруваат тоа право на купувачите.

За заштита на правата на потрошувачите во однос на трговијата, услугите и производите, надлежен е Државниот пазарен инспекторат, додека во однос на храната надлежна е Агенцијата за храна и ветеринарство, на чиј бесплатен број 0800 може да се пријавуваат секакви недоследности.

Но, наместо да пријавуваат во инспекторати или во АХВ, купувачите може да се обратат и во ОПМ, која е вид посредник. ОПМ всушност поднесува претставка во име на потрошувачите до надлежните институции.

 

 

Треба да знаете
Последни објави