Електрична бандера која се наоѓа во село во близина на Благоевград во Бугарија, била пријавена како адреса за живеалиште на илјада Македонци со бугарско државјанство, а сето тоа е дел од измама организирана ширум Бугарија и осмислена за продажба на сертификати за издавање на државјанства. Ова во интервју за „ЕУ Обзервер“ го тврди Катја Матева, поранешна директорка на одделението задолжено за издавање на државјанства во бугарското Министерство за правда.
Матева вели дека првиот човек во месноста, ја пријавил бандерата како адреса на Македонците кои во готовина плаќале за сертификатите, со цел да станат натурализирани бугарски државјани.
„Илјада луѓе се пријавени на електричната бандера“, наведува Матева.
Таа тврди дека дел од бугарската политичка елита имала корист од ова, и укажува на вицепремиерот, Красмир Каракачанов и член на партијата „ВМРО-Бугарско национално движење“, која е партнер во владата на премиерот Бојко Борисов.
Бриселскиот сајт објаснува дека Матева работела во министерството до 2016 година и тврди дека добила отказ кога одбила да учествува во измамата.
Матева тврди дека исплатите за лажните сертификати се вршеле сред бел ден, на тротоарот пред институцијата во центарот на Софија.
Бугарската полиција во октомври ги објави првите апсења за оваа афера, кога директорот на Државната агенција за Бугарите во дијаспората, Петар Харалампиев беше приведен заедно со уште 20 осомничени.
Матева тврди дека и по апсењата измамите не престанале, а лажните сертификати и понатаму се користат за добивање државјанства.
Таа наведува дека исплатата варирала од 500 до 7.000 евра, во зависност од тоа колку е имотно лицето кое се обидува да набави сертификат.