Српскиот министер за трговија и телекомуникации Расим Љајиќ изјави дека српското стопанство поради увозните такси од 100 отсто од Косово досега има за 30 милони евра помал пласман на стоки во споредба со минатата година.
Тој за ТВ Прва изјави дека од 21 ноември, кога мерките беа воведени до 11 декември, кога последен пат се обработени податоците, увозот на стоки од Србија во Косово е целосно стопиран, не сметајќи ги некои меѓународни брендови, кои што беа изземени од овие мерки.
Зборувајќи за претстојниот состанок на косовски премиер Рамуш Харадинај и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, на кој ќе разговараат за нејзиниот предлог за укинивање на увозните такси, со кој наместо потписот на УНМИК треба да стои Косово со „ѕвездичка”, Љајиќ рече дека прво треба да се реши кризата.
Според него, само потоа може да се продолжи со преговорите кои ќе овозможат слободен проток на стоки и луѓе.
– Не треба да се тргува со мерки, тие (увозните такси од 100 проценти) треба да се укинат, па потоа да се отвори простор за решавање на останатите важни прашања, посочи Љајиќ.
Тој оцени дека не очекува на денешната седница на Советот за безбедност на ОН да се решат постоечките проблеми или дека ќе се променат ставовите, но ова прашање секако треба да се интернационализира.
Љајиќ, исто така, потврди дека во следната влада нема да биде министер, дека оваа одлука нема да ја смени и дека сега е фокусиран на својот ресор и постигнување на подобри резултати во претстојната зимска сезона