Џафери на средба со Саливан изрази благодарност до САД како стратешки партнер на Македонија

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на средба со заменик државниот секретар на САД Џон Ј. Саливан изрази благодарност до САД како стратешки партнер на нашата земја, за континуираната поддршка што и ја дава  на Република Македонија и на целиот регион.

Тој го запозна високиот гостин со тековните активности во законодавниот дом во однос на усвојувањето на предлог уставните амандмани, како фаза од имплементирањето на Преспанскиот договор, со очекување дека процесот ќе се заокружи до крајот на првата половина на јануари 2019 година.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот на Собранието на РМ, Џафери зборуваше за чекорите што ги презеде Владата за подобрување на добрососедските односи, потврдувајќи дека Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Република Бугарија веќе дава позитивни резултати.

– Претседателот Џафери истакна дека Собранието е активно вклучено во донесувањето на реформскиот пакет закони во областа на судството, безбедноста и јавната администрација, за кои веќе има хармонизирани ставови меѓу мнозинството и опозицијата и за кои се очекува после расправата во Собранието на Република Македонија, во текот на  февруари идната година да влезат во сила, се наведува во соопштението.

Заменик државниот секретар Саливан истакнал дека му е мило што е во посета на Република Македонија во овој историски момент за земјата, кога е во завршна фаза имплементирањето на Преспанскиот договор и нагласил дека целта на неговата посета токму во овој историски момент за земјата е да ја пренесе поддршката на САД за овој Договор и да потврди колкаво е значењето на напорите што Република Македонија ги прави денес на овој план.

На прашањето на Саливан во однос на разгледувањето на можностите за зголемување на поддршката за уставните измени, претседателот на Собранието рекол дека во рамките на законодавниот дом на Република Македонија се водат разговори за зголемување на поддршката од поголем број  пратеници за уставните измени.

– Тој изрази надеж дека што поголем број пратеници, без разлика на нивната партиска припадност, ќе го поддржат договорот, имајќи го предвид историскиот момент пред кој се наоѓа државата и позитивните ефекти од членството во НАТО на политички, безбедносен но и економски план, се наведува во соопштението за средбата на Џафери и Саливан.

Треба да знаете
Последни објави