Средствата од буџетот за РЕК Битола наместо за инвестиции и нови проекти одат за бизниси во четири очи и за вработување на блиски роднини на функционерите од СДСМ, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Васко Ковачевски откако стана директор на РЕК Битола, се погрижил да вработи и голем дел од неговото семејство во оваа државно претпријатите. Во РЕК Битола од неодамна се вработени Горан Димовски, брат на сопругата на Ковачевски и Миле Вељановски кој е зет за прва братучетка на Ковачевски, инаку негов близок соработник во предизборните кампањи.
Вработување во РЕК Битола има и за роднините на Александар Кирацовски, кој е генерален секретар на СДСМ, а потекнува од Битола, имено во РЕК Битола од неодамна е вработен неговиот прв братучед Златко Кирацовски. Вработување во РЕК Битола добила и сопругата на градоначалникот на Новаци, Марица Кузмановска.
Сега две години откако ветуваа живот за граѓаните, гледаме дека тој живот всушност е живот за семејствата на функционерите на СДСМ“, ијзави Арсовски.
Арсовски додава дека додека средствата од РЕК Битола се трошат за нови вработувања и тендери во четири очи со фирми блиски до власта, во РЕК Битола се случуваат константни испади на блоковите кои причинуваат штети вредни стотици илјади евра.
„На 12-ти овој месец падна БЛОК-3, кој последно беше ремонтиран и кој требаше континуирано да е во мрежа зимските месеци, а завчера испадна и БЛОК-1. Тоа се штети од околу половина милион евра, а една штета на еден блок е околу 200.000 евра“, изјави Арсовски.