“‘Галеб’ е текст за храброста на младите генерации автори во борбата со оние кои заминуваат од културната сцена, а кои сe уште се борат да ги задржат своите позиции во уметничките/театарските кругови и во општеството.
Станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува”, вели Нина Николиќ како најава за премиерата на претставата “Галеб” од А.П. Чехов која во нејзина режија ќе се одржи денес (18 декември), во 20 часот, на големата сцена на Македонски народен театар.
За ова дело од светската класика Николиќ воедно ќе посочи дека “драмата содржи приказна актуелна за сите нас, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме“.
Во претставата настапуваат актерите Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед. Сценографијата е на Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнер на светло е Крис Јегер од Велика Британија, а кореографијата е на Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот гитарист Влатко Стефановски. Драматург е Драгана Лукан Николоски, а костимографијата е на Ивана Каранфиловска – Угуровска.
Инаку, станува збор за трето поставување на текстот “Галеб“, напишан од еден од најголемите руски и светски драматичари, Антон Павлович Чехов (1860-1904), во 73-годишната историја на Македонски народен театар. “Претходно ‘Галеб’ го поставиле режисерите Димитар Ќостаров, во 1960, и Бранко Ставрев во 1990“, ќе посочат од МНТ.