Жерновски: Република Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО

На состанокот на Партнерската комисија на САД-Јадранската повелба, денеска на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки и набљудувачи на Повелбата беше усвоено заедничко коминики, каде се поздравува историскиот договор меѓу Македонија и Грција, со акцент дека истиот и го отвора патот на земјата кон членство во НАТО и Европската Унија.

Во соопштението се поздравува одлуката на Алијансата да ја покани Македонија да ги започне пристапните разговори за членство на земјата во НАТО, честитајќи за преземените чекори на земјата за спроведување на пристапниот процес и успешно завршување на пристапните разговори на Македонија со Алијансата.

Министрите упатија охрабрување за натамошната имплементација на на чекорите што следат, со што ќе се овозможи членство на Република Македонија во НАТО.

Истакнувајќи го значењето од приемот на Македонија во НАТО, како 30-та земја членка на Алијансата, министрите во комуникето се заложија за натамошна силна поддршка, со уверување дека со членството на земјата во НАТО значително ќе се придонесе за регионалната безбедност и стабилност.

Заменик министерот за надворешни работи на Андреј Жерновски, при неговото излагање, ја истакна важноста на зајакнатата меѓусебна соработка, акцентирајќи ја потребата за унапредување на комуникацијата и натамошната заедничка поддршка како одговор на новите безбедносни предизвици.

– Силната посветеност на Владата, упорноста и политичката енергија во напорите да ги реализираме стратешките интереси на нашата земја, беа препознаени од нашите НАТО и ЕУ партнери и затоа Република Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО, истакна Жерновски.

Министрите кои присуствуваа на состанокот, како и Жерновски остварија средба и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, каде се разговараше за актуелната политичка состојба во регионот и безбедносните предизвици со кои се соочува.

Присутните ја реафирмираа потребата и подготвеноста за зајкнување на меѓусебна соработка и заедничките напори за иден придонес кон обезбедување на натамошна безбедност и стабилност во регионот.

Следна земја претседавач со САД -Јадранската повелба ќе биде Албанија.

Треба да знаете
Последни објави