Зоран Заев и Алексис Ципрас, премиерите на Македонија и на Грција, се номинрани за Нобелова награда за мир за 2019 година за Договорот од Преспа, со кој се надминува дводеценискиот спор за името.
Номинацијата на Заев и Ципрас денеска во Скопје ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.
Нобеловката Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, преговараат и постигнат договор и дека и претставува чест да ги номинира Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир.
– Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека се може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен, рече нобеловката Бушамауи.
Нагласи дека е дојдена во Скопје да го поддржи таквиот начин на постигнување договор и верува дека ќе биде модел за надминување на проблемите во иднина.
– Треба да буидете горди на тоа пшто го постигнавте, порача добитничката на Нобеловата награда за мир, Уидед Бушамауи на објавувањето на номинацијата што се одржа на Универзитетот ФОН .
На церемонијата присуствуваше и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија Сириза, кој дава поддршка за номинацијата на Заев и Ципра за Нобелова награда за мир.
По церемонијата во Скопје, на 19-ти декември, Бушамауи и Кулоглу заминуваат во Атина, каде што ќе се сретнат и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат номинацијата.