Собраниската Комисија за уставни прашања попладне ќе ја започне дебатата за четирите уставни амандмани и извештајот што Владата го достави до Парламентот по петте јавни дебати одржани како вовед во третата и последна фаза од уставните промени, согласно Договорот од Преспа.
Парламентарни партии во оваа трета и последна фаза имаа право за поднесување амандмани на уставните амандмани, за што рокот беше до саботата доцна попладне.
По јавните дебати нема големи промени на четирите амандмани. Одлуките на АСНОМ се предлага да бидат ставени како „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од првото заседание”. Во предложениот амандман 36, во однос на грижата на дијаспората се вметнуваат и заедниците во согласност со опозициските партии на Албанците.
Останува неизменет и амандманот што се однесува на промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија, како и амандманот 35.
Собраниската седница на која конечно треба да бидат изгласани амандманите претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека се очекува да биде закажана по божикните празници, најрано на 9 јануари. Се очекува целиот процес на уставни измени да биде завршен во средината на јануари. Уставните амандмани се носат со двотретинско мнозинство што се очекува да биде постигнато во Парламентот. Гласовите на осумтемина пратеници од независната пратеничка група се условени со процесот на помирување.
По промената на македонскиот Устав, обврски од Преспанскиот договор треба да исполни грчката страна со негово ратификување и давање зелено светло за влез на земјата во НАТО.
Но, со Уставниот закон за спроведување на амандманите на Уставот на Република Македонија, се предвидува амандните да се применуваат со влегувањето во сила на Договорот од Преспа и ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Грција. Во овој предлог-текст исто така се предвидува од денот на влегување во сила на амандманот 33 државјанството да биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, што е предвидено со Договорот, а употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции да биде во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија” или „на Северна Македонија”. Во членот три се предвидува постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата и да се се усогласат со амандманот 33 најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила. Усогласувањето со амандманот 33 на постоечките документи и материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба ќе започне со отворањето на секое поглавје од релевантното поле во преговорите со Европската Унија, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.
Овој уставен закон за спроведување на амандманите на Уставот на Република Македонија го прогласува Собранието на Република Македонија и влегува во сила со денот на влегување во сила на уставните амандмани.