Џафери-Чиамба: Односите меѓу Македонија и Романија засновани на партнерство и заемно почитување

Билатерални односи меѓу Македонија и Романија ги карактеризира висок степен на пријателство со конструктивен и отворен политички дијалог, заснован врз партнерски однос и взаемно почитување. Ова го истакнал претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери на денешната средба со Џеорџе Чиамба, министер делегиран за европски прашања во романската Влада, кој престојува во официјална посета на Македонија по повод преземањето на претседавањето со Советот на Европската Унија од јануари идната година.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, нагласил дека оваа средба претставува поттик за понатамошен развој на меѓупарламентарната соработка меѓу двете пријателски земји на сите парламентарни нивоа, како на ниво на претседатели на парламенти (за што веќе се упатени покани до романските колеги), така и меѓу Групите за соработка во двата парламента.

-Билатералните односи и соработка на двете земји на мултилатерален план континуирано се унапредуваат и збогатуваат, при што високо се цени ангажманот и посветеноста на Романија за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската унија, истакнал Џафери.

Во таа насока, го информирал соговорникот за актуелниот процес на уставните измени како финализација на имплементацијата на Преспанскиот договор.

Министерот Чиамба ја поздравил успешната работа на Собранието на Република Македонија во целокупниот процес сврзан со Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција како клучен сегмент во пошироката цел – Република Македонија како земја – членка на НАТО и Европската Унија.

Чиамба информирал за подготовките на Романија за преземањето на претседавањето со Советот на Европската унија од јануари 2019-та година, нагласувајќи притоа дека проширувањето на ЕУ и натаму останува високо на агендата на Романското претседавање.

Планирани се голем број конференции, меѓународни форуми и други придружни настани, при што ќе се обрне големо внимание и на парламентарната димензија, а за поттик на визијата на младата генерација ќе се организира една помирувачка конференција која треба да даде пример на државите од Западен Балкан, според германско – францускиот помирувачки процес.

Чиамба упатил отворена покана за учество на сите парламентарни настани, кои заедно со сите останати активности, ќе го сочинуваат Романското претседавање со Советот на Европската унија. Тој исто така информирал дека има еден пратеник со македонско потекло во Романскиот парламент, а највисоките државни институции на Романија неодамна донеле одлука 8-ми декември пригодно да се одбележува како Ден на македонскиот јазик во Романија.

Двајцата соговорници споделиле позитивни видувања за Договорот за соработка во областа на образованието, науката, културата, медиумите, младите и спортот, кој е потпишан меѓу двете влади во 2013-та година и веќе е ратификуван од страна на Романскиот парламент, при што Џафери изразил заложба за негова скорешна ратификација во Собранието на Република Македонија.

Треба да знаете
Последни објави