Грчкиот Парламент вечерва на полноќ ќе гласа за буџетот за следната година, кој Владата го најави како „прв постмеморандумски” и прв што наместо штедење и кратења, носи позитивни мерки за граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
На гласањето ќе му претходат говорите на грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Според медиумите во Грција, не е исклучена можноста, како што веќе е пракса во изминатиот период, препукувањата меѓу Ципрас и Мицотакис, освен на економијата и внатрешната политика да се прошират и во однос на Договорот од Преспа.
Паралелно со расправата во Парламентот, грчките синдикати повикаа на собир во попладневните часови во центарот на Атина и протестен марш до парламентарната зфрада против буџетот за 2019 година.