Османи: Македонија, но и целиот Балкан имаат големи очекувања од романското претседателство со ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со министерот делегиран за европски прашања на Романија, Џорџе Чамба, кој е во работна посета на Република Македонија.

Посетата доаѓа во пресрет на преземањето на Претседателството со Советот на ЕУ од страна на Романија од јануари 2019 година.

На средбата беа отворени темите за предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон членството во ЕУ, како и улогата на Романија, особено за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во првата половина од наредната година.

„Романија претставува долгогодишен поддржувач на Република Македонија, особено за нашите европски и евроатлантски интеграции, и оваа денешна посета, на помалку од еден месец од стартот на преземање на кормилото на ЕУ од страна на Романија, претставува јасен показател за поддршката која ја очекуваме за време на нивното претседателствување со Советот на ЕУ,“ истакна Османи за време на средбата.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања во продолжение реферираше и за напредокот во имплементацијата на Договорот од Преспа, за Планот 18 и неговата улога во задржување на позитивниот реформски импулс наметнат со Планот 3-6-9, како и за останатите реформски активности поврзани со имплементација на препораките на ЕУ и соодветните тела.

„На европските самити во јуни следната година, на истекот од мандатот на романското претседателство со ЕУ, очекуваме потврда на одлуката за почеток на преговори, со што Романија ќе биде запишана во историјата на Македонија како земја под чие водство ЕУ ќе ги започне преговорите со земјава,“ додаде Османи.

Двајцата соговорници за време на средбата разменија мислења и за процесот на проширување на Европската Унија, за евроатлантските перспективи на целиот Балкан, како суштински елемент во насока на стабилноста на регионот, но и на зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на цела Европа, при што вицепремиерот изрази надеж дека досегашниот интерес на Романија за Балканот ќе продолжи со засилено темпо, особено во првата половина на наредната година за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во насока на верификација на европските перспективи на земјите од Западниот Балкан.

Треба да знаете
Последни објави