На 29 декември се навршуваат пет години од шокантната несреќа на Михаел Шумахер – најуспешниот возач во Формула 1 натпреварувањето и една од најголемите спортски фигури на сите времиња. Неговиот живот се промени кога во 2013 година тој доживеа страшна скијачка повреда која го остави неподвижен, а неговото семејство реши да ги скрие неговите маки од окото на јавноста.
Неговата жена Корина инсистираше на тајност на која до ден денес се придржуваат сите роднини и познаници на германскиот возач. Пријателите не зборуваат за неговата состојба. Ако прозборат – не се повеќе пријатели.
Михаел Шумахер, или она што е останато од него, е сместен во семејната вила во градот Гланд, кој се наоѓа помеѓу Женева и Лозана. Никој од 13.000-те жители во градот не знае како е легендарниот Шуми, никој не ја знае ситуацијата во вилата и никој не се осмелува да пристапи кон семејството. Единствено што знаеме е дека Шумахер се наоѓа таму, во Швајцарија, а не како што тврдеа медиумите – во САД или Мајорка.
Откако се случи несреќата, многу работи се сменија во Формула 1. Луис Хамилтон доминира во ова натпреварување и сериозно му се доближува на Шумахер, додека неговиот сонародник Себастијан Фетел потпиша за тимот на Ferrari, но не успеа да освои титула во досегашниот тек од неговата кариера во италијанскиот тим.
Она што најмногу би го израдувало Шуми е успехот на неговиот син Мик, кој изминатата сезона го освои Формула 3 натпреварувањето, за потоа да потпише договор со тимот на Prema од Формула 2, што го доведе на еден чекор до Формула 1 трките. Мик беше покрај неговиот татко кога се случи несреќата која го остави германскиот шампион со оштетување на мозокот.
Новите информации откриваат дека Михаел Шумахер не е врзан за креветот и не преживува со помош на машини или пак со цевчиња за дишење. Наместо тоа, Шуми прима специјална нега која го чини неговото семејство повеќе од 50.000 фунти неделно. Поради потребите на големиот шампион, семејството реши да го претвори нивниот дом во мала болница.
И понатаму не е позната сериозноста на неговата состојба, сепак постојат неколку информации кои кажуваат дека тој повеќе не е во животна опасност иако ниту оддалеку не може да се каже дека е целосно здрав. Претседателот на ФИА, Жан Тод, е еден од ретките посетители на имотот на Шумахер и тој вели дека бил охрабрен од состојбата на Германецот.
„Тој ми е како син, имам негови слики насекаде низ канцеларијата“, вели Тод, притоа споменувајќи дека тој и Шумахер заедно го гледале последното Гран При на Бразил.
Помеѓу посетителите кои успеале да влезат во неговиот дом е и доктор Георг Ганшвајн, еден од најважните ликови во хиерархијата на Ватикан и секретар на поранешниот папа Бенедикт. Тој вели дека во моментот кога се поздравил со Шумахер, почувствувал топлина во неговите раце и тоа му дало надеж дека возачот ќе успее да ја надмине тешката ситуација.
Седум титули, 91 победа, 13 победи во една сезона и 8 победи на Гран При Франција – сите овие рекорди ги постигна Михаел Шумахер. Тој е еден од најлегендарните спортисти на сите времиња и е неприкосновен во авто-мото спортовите, а една несреќа за малку ќе го завршеше неговиот живот прерано.