Пратениците од Алијансата на Албанците, Зијадин Села и Фадил Зендели од Беса на денешната Комисија за уставни прашања имаа забелешки на државјанството односно членот 2 и ставот 2 каде што се предвидува државјанството да биде „македонско/граѓани на Република Северна Македонија”.
Села смета дека со ваквата формулација се губи смислата на Уставот и се создава поделба на граѓаните на Македонци и останати која се одразува во општеството. Тука според него, но и според Зендели треба да стои „државјани на Република Македонија”. Лидерот на Алијансата на Албанците го обвини премиерот Зоран Заев дека, како што кажа „гради моноетнички национален концепт” и оти го наметнува во државата.
За државјанството, рече Зендели, не се разговарало во Парламентот, туку сега на „шверцерски” начин се става во предложениот уставен закон за спроведување на амандманите. И тој, како и Села има поднесени амандман до Комисијата за членот 2 став 2 од уставниот закон што се однесува на државјанството. Дополнително интервенциите што се направија во предложените амандмани по јавните дебати, според него, се шминкерски и оти во уставниот закон се става нешто што не е онака како што е наведено во Договорот од Преспа. Пратеникот на Беса рече дека амандманот што го поднел на овој член е според Уставот.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи реплицирајќи им на пратениците Албанци рече дека интервенциите се направени во согласност со Договорот од Преспа, што беше и причина за уставни измени, додека етничките прашања се опфатени со Охридскиот рамковен договор, кој ќе стане составен дел на Уставот.