Денеска во регионалната депонија Дрисла беа уништени околу 170 килограми разни видови дроги и психотропни супстанци кои потекнуваат од кривичните дела недозволено тргување со опојни дроги, психотропни супстанци и прекурсори што полицијата ги расветли во изминатиот период, а за кои кривични дела надлежните судсови веќе донесоа правосилни судски пресуди. Уништени се околу 128 килограми марихуана, околу шест и пол килограми хероин, околу 20 килограми хашиш, околу половина килограм кокаин, растенија и семки од канабис, како и амфетамини, потоа синтетичка дрога екстази и други прекурсори и психотропни супстанци.
„Во делот на сузбивањето на недозволеното тргување со дрога Министерството за внатрешни работи во континуитет презема интензивни оперативни мерки и активности. Годинава статистички гледано бележиме пораст на бројот на расветлени кривични дела од оваа област“, рече министерот Спасовски.
Според аналитичките податоци, за периодот од почетокот на 2018 година заклучно со крајот на месец ноември откриени се вкупно 681 кривично дело од оваа област, а од нив 582 кривични дела се класифицирани како “неоовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанци“, за што пак кривично беа пријавени 674 сторители Останатите 99 кривични дела се подведени под казненениот член – “овозможување на употреба на наркотични дроги“, и по однос на нив кривично пријавени се 104 сторители.
Во рамки на овие активности за сузбивање на трговијата со дрога откриени и запленети беа околу еден тон и 500 килограми марихуана, вклучувајќи ја и заплената од 515 килограми опојна дрога марихуана наменета за турскиот нарко-пазар што што завчера беше реализирана на ГП “Богородица“. Исто така во текот на оваа година беа откриени и запленети хероин, кокаин, хашишово масло, екстази и таблети метамфитамин, како и мешавини од разни психотропни супстанци. Откриени беа седум криминални организирани групи во кои 35 лица се државјани на Република Македонија, а петмина државјани на Албанија. Исто така од особена важност е што беа откриени и спречени осум меѓународни канали за шверц на дроги.
-Министерството за внатрешни работи, односно организационите единици директно одговорни за сузбивање на овој крајно опасен криминал ќе продолжат бескомпромисно, врз основ на законските надлежности и должности, да го сузбиваат овој криминал, рече министерот Спасовски.