Арсовски: СДСМ за година и пол ја задолжи државата за 357 милиони евра

Криминогената и неспособна власт на СДСМ ја зацрни економијата во Република Македонија. СДСМ откако е на власт нема реализирано ниту еден единствен проект, обвини на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Како што кажа тој, единствениот и најголем проект на Владата е задолжување на граѓаните.

„За жал, во моментов Македонија е презадолжена држава и граѓаните тонат во долгови. Откако дојде СДСМ на власт се повеќе се задолжува, а ништо не се реализираат од предвиденото и СДСМ немаат ниту еден единствен проект реализирано. Откако СДСМ е на власт, а тоа е од 2017 година, долгот пораснал од 4.787.000.000 евра на 5.144.000.000 евра, односно за година и пол долгот пораснал за 357.000.000 евра“, посочи Арсовски и додаде дека со 357 милиони евра нема реализирано ниту еден видлив проект.

Тој воедно запраша каде одат овие пари.

„Вкупниот јавен долг заклучно со завршетокот на трет квартал за 2018 година изнесува 5.144.400.000 евра – што е 48.2% од БДП. Од истиот на надворешен јавен долг отпаѓаат 3.512.000.000 евра, додека на внатрешен јавен долг отпаѓаат 1.632.000.000 евра. Со тоа е надмината психолошката граница од 5 милијарди евра и веќе државата се движи кон 50% долг. Не само што се движи долгот кон 50%, туку и со ревидираната фискална стратегија за 2019 – 2021 година од Министерството за финансии на Тевдовски јавниот долг во 2020 се очекува да достигне 54.5% од БДП“, истакна партискиот портпарол.

Арсовски додаде дека послаба и поочајна економска политика и кадровски капацитет кој ја води државата на економски план досега немало и порача дека што побрзо си замине оваа власт толку ќе е подобро за граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави