Дополнителни докази на одбраната ќе се разгледуваат во предметот „27 април”

По пауза од половина час во моментов продолжува судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, откако претходно судот дозволи одбраната на обвинетиот Митко Чавков да се запознае со дополнителните докази декласифицирани од МВР.

Дополнителни докази има одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа.

Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

Судот на почетокот информира дека дополнителните докази од обвинетите Митко Чавков и Душко Лазаров се декласифицирани од МВР и ќе бидат изведени.

Судот посочи дека одбраната на Чавков во текот на вчерашниот ден не била достапна и доказите им се врачени на почетокот на денешното рочиште.

Судечкиот совет се уште треба да се произнеде дали ќе бидат изведени и околу стотина аудио разговори и фотографии предложени од обвинетиот Александар Василевски Нинџа. Тој на минатото рочиште , кажа дека дополнителните докази, меѓу кои 100-тина аудио  разговори и фотографии, се во ЈО.

Судијката Кацарска кажа дека доказот предложен од одбраната на Мунир Пепиќ најверојатно нема да биде декласифициран од УБК, но се уште чека писмен одговор.

Одбраната на Мукоски на минатото рочиште предложи да се изведат стенографски белешки од неколкуте продолженија на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија од април минатата година.

Обвинетите Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, Јохан Трачуловски, Митко Пешов, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Абдулфета Аљими, Елена Доцевска Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Загарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанчо Ангеловски, Илија Славевски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Митре Митроповски на минатото рочиште го известија судот дека не предлагаат дополнителни докази.

Треба да знаете
Последни објави