Аеродромот „Гетвик“ во Лондон е делумно отворен за сообраќај по повеќе од 30 часа од неговото затворање поради беспилотните летала кои беа забележани во средата во текот на ноќта над пистата.
Аеродромот соопшти дека пистата е „моментално достапна” и дека се планирани полетувања и слетувања на авиони кои ќе бидат во ограничен број, пренесува Би-би-си.
Сообраќајот на Гетвик, вториот најпрометен аеродром во Велика Британија, беше во прекин скоро два дена откако беа забележани два беспилотни летала над пистата, по што десетици илјади патници останаа заглавени на аеродромот.
Британската полиција вчера соопшти дека верува дека беспилотните летала биле најверојатно намерен акт, но дека немало знаци со кои може овој акт да се поврзе со тероризмот.