Тројца луѓе загинаа, а 22 се повредени во судир на воз и автобус на обележан премин на железничка пруга кај Ниш, пренесе РТС. Според информациите од српските медиуми, автобусот пренесувал деца во училиште.
Несреќата се случила околу 7.30 часот кога патничкиот воз кој тргнал во 7.14 часот од железничката станица во Ниш за Прокупље, при излез од железничката станица Меѓурово удрил во патнички автобус.
Директорот на Брзата помош потврдил за РТС дека има тројца загинати, а дека шест лица се потешко и 16 полесно повредени.
Повредените се пренесени во Клиничко-болничкиот центар во Ниш. Поради ударот железничка композиција од едниот дел излизгала од шините, а железничкиот сообраќај на овој дел од пругата е во прекин, се наведува во соопштението на „Инфраструктура на железницата на Србија“.
На местото на несреќата се наоѓаат полиција, пожарникари и Брза ппомош, како и железничка Комисија за следење на вонредни ситуации. Причината за несреќата се уште е непозната.