– Со презентација на материјални докази во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи рочиштето за предметот „Титаник”, што се однесува на изборни нерегуларности.
Јавниот обвинител Бурим Рустеми презентираше документи, списоци од избирачки места. СЈО пушти телефонски разговор меѓу (наводно) вработена во центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и соговорник од кој се слушна како „вработената” од ВМРО го прашува соговорникот дали сите негови предложени лица гласале и му укажува да не даваат изјави пред ОБСЕ. На тоа соговорникот и потврдува дека се ќе биде како што бараат. За овој доказ реагираше адвокатот Василевски, бидејќи, според него, ова е незаконски снимен разговор од страна на новинарка и побара да не се цени во постапката.
Во овој случај обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.