Турција ќе ги одложи воените операции во североисточна Сирија, рече денеска турскиот прeтседател, Реџеп Таип Ердоган.
Според него, операцијата ќе започне во следните неколку месеци, а тој го поздрави и најавеното повлекување на војската на САД од Сирија, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Ердоган денеска кажа дека САД одлучиле да ги повлечат своите војници од Сирија, откако тој го убедил американскиот претседател Трамп дека Турција може да ги искорени остатоците од Исламска држава во оваа земја само со логистичка поддршка од Вашингтон.
Говорејќи на бизнис состанок во Истанбул, Ердоган рече дека Турција ќе работи на планови за операции со цел за целосна елиминација на Исламска држава и курдските екстремисти од тој регион, јавува агенцијата АП.
„Ќе работиме на оперативни планови за да се елиминираат елементите на Исламска држава за кои се смета дека досега воопшто не биле опфатени во акциите, како што и разговаравме со претседателот Трамп“, рече Ердоган.
Турскиот претседател ја поздрави одлуката на Трамп за повлекување и ја нарече најјасна изјава од Вашингтон, која несомнено охрабрува. Тој, сепак, подвлече дека Турција е претпазлива, повикувајќи се на негативни искуства од минатото.