Во пресрет на претседателските избори во мај идната година ниту една партија досега не промовираше свој кандидат, а нема ниту независни кандидати. Но како и секогаш, во анкетите се појавува името на Имер Селмани, поранешен политичар, сега бизнисмен, кој веќе еднаш се кандидираше за оваа функција и кој вообичаено добро котира на листата на кандидати кого граѓаните го подржуваат. Последната анкета на телевизија Телма покажа дека генерално Селмани кај гласачите има доверба од 5,8 отсто, а кај албанските гласачи 20,8 проценти.
Селмани во интервју за 24 Инфо рече дека би размислил повторно да се кандидира, но само ако има подршка од повеќе партии. Тој е убеден дека Македонија на следните избори ќе добие консензуален кандидат.
Господине Селмани, иако не сте во политиката, повторно високо котирате на анкетите. Дали повторно би се кандидирале за претседателските избори?
-Рака на срце, и мене многу пријатно ме изненади анкетата на „Телма“ што е едно големо признание за мене како личност која не е во политиката веќе седум години, иако бев политички активен единаест години. Гостувањето на телевизиски емисии и моите ставови очигледно имаат добар прием кај граѓаните, кои се гладни за рационални размислувања кои гледаат напред, а помалку назад. Граѓаните сакаат лидер, државник кој вози напред без да гледа премногу на ретровизорот. И претходно сум имал различни понуди, но сум оценил дека можам да дадам придонес и без да бидам активно вклучен во политиката и анкетата на Телма е доказ за тоа. Секогаш кога беше тешко во Македонија, секогаш сум имал храброст да го кажам она што го мислам. Искрено не сум размислувал за евентуално кандидатура. Но ова големо јавно признание од анкета, која ценам дека би требало да е релевантна, ме тера да размислувам дали да се кандидирам, меѓутоа, без подршка од политички партии и дури не само една, секако не. Живееме во една реалност каде и социјалните и економските параметри во секое семејство и во државата зависат од политички одлуки и однесувањето на политичките партии. Имаме политизирано и партизирано општество и се уште мислам дека е рано човек да се појави како индивидуа, да воскресне и да извојува победа од типот на Емануел Макрон во Франција.
Дали може непартиска личност да издвојува победа на овие избори, и дали е можно власта и опозицијата да излезат секој со еден заеднички кандидат, односно само двајца да се борат за претседателската позиција уште во првиот круг на изборите?
–Она што сакам да го потенцирам е дека на Македонија не и треба ниту класичен партиски кандидат, некој што пораснал со партијата и до крај се идентификува со неа, затоа што ризикот да не се мобилизира излегувањето како и големата недоверба која граѓаните ја имаат во институцијата претседател, па и во однос на другите институции е голем ризик да нема доволно мотивирање и да останеме без претседател оти нема да се постигне цензус од 40 отсто излезност. Затоа посакувам партиите убаво да размисуваат за човек, кој што може и партиски да мобилизира, меѓутоа и да ги мобилизира и луѓето кои што се уште размуслуваат или можеби одлучиле да не гласаат. Треба да бидеме реални, типична партиска подршка имаше референдумот во септември, кој што не успеа за малку да стигне до 40 отсто, што значи типичен партиски кандидат тешко би успеал да ги мобилизира граѓаните во случај, на пример опизицијата да одлучи да ги бојкотира изборите, што не е исклучено зошто ВМРо-ДПМНЕ за да се наметне очигледно ќе направи се па и да бојкотира. Затоа мислам дека има луѓе кои покажале дека се доволно мудри, има добри професори има луѓе од науката и бизнис секторот кои покажале дека се стабилни и дека можат да ги стават приоритетите на државата пред тесните приоритети на партијата, иако, пак велам, партиска подршка значи процесот да успее односно ако сакаме да имаме претседател на следните избори. Не сум сигурен дека државата може да оди само со двајца кандидати во трката односно да се профилираат само двајца кандидати, оти гледам има повеќе личности кои имаат амбиции, сепак демократско право е секој што сака да се кандидира.
Дојдено ли времето Македонија да добие жена претседател или Албанец, односно претседател кој нема да биде Македонец по националност?
-За консензуален кандидат дојдено е времето сигурно и Македонија на овие избори ќе добие консензуален претседател кој нема да биде еднопартиски кандидат. На некој начин и на претходните избори имавме вештачки консензуален претседател зашто и Киро Глигоров беше гласан од тогашното раководство на ПДП и Борис Трајковски од тогашната ДПА беше подржан. Па и Бранко Црвенковски од ДУИ и Ѓорге Иванов во вториот круг мислам имаше подршка од ДПА. Така што тој вештачки консензус беше постигнат за да има 40 отсто излезност. Овој пат очекувам да има природен консензус и на стартот да се договорат партиските структури да подржат еден единствен кандидат. Очекувам политичките партии кои партиципираат во власта, или пошироко, партиите кои ги подржуваат уставните промени да излезат со еден кандидат затоа што тој кандидат или иден претседател би требало да преземе голема одговорност се што е блокирано во однос на интеграциите, но и внатре во државата да ги одблокира. Тој кандидат мора да биде проевропски човек со широка партиска, но и меѓутничка подршка, од Македонците, Албанците и останатите, сите оние кои сакаат да ја гледаат Македонија во Нато и ЕУ. Затоа треба да подржат еден заеднички кандидат кој со голема или сигурна веројатност можеби не во првиот круг, но во вториот круг да издејствува победа. Се плашам дека нема можност во овие околности да има договор за заеднички кандидат и со опозицијата што би било идеално.
Веќе подолг период сте надвор од политиката, бизнисот ви е главна преокупација, а Вашата компнија „Бис Оил“ од лани се проба во градежнитвото. Какви се вашите планови во оваа сфера?
-Во бизнисот имаме многу проекти, можеби за Македонија се многу. Лани почнавме и влеговме во градежниот сектор оти цениме дека државата има многу потреба од квлитетна градба и уредување. Ова што сега го градиме „Гарден Ин Резиденс“ е една од најквалитетните градби со многу додадени вредности. Не продаваме класични станови туку станови кои ги задоволуваат сите стандарди и со зеленило. Имаме планови за наредните пет -седум години затоа што сме вложувале во минатото и сега треба тоа да го валоризираме во иднина. Македонија има потреба и од производствени капацитети оти не се живее само од трговија. Меѓутоа сите ние бизнисмени бараме подобар амбиент. А тој подобар амбиент го овезбедува нашето членство во НАТО, таа сигурност која гледаме како функционира кога гледаме како некои држави кои беа далеку зад нас, Романија, Бугарија и Албанија, нивната економија далеку повеќе се разви, цената на трудот поскапе, поскапеа недвижностите, меѓутоа порасна квалитетот на живеење.
Со големиот број на граѓани кои заминаа и заминуваат во странство, многу компании имаат проблем со работната сила, особено оние кои имаат потреба од занаетчии и мајстори. Какви се вашите искуства?
Тоа е проблем со кој се соочуваме сите. Желбата, особено на младите луѓе кои сакаат да се опробаат надвор од земјава е огромна. Кај некој е оправдано, но кај некој и не, но сакаат да пробаат како е. Тоа неминовно доведе кон пораст на цената на трудот. Така и во градежништвото, лани од 30 до 50 отсто порасна цената на трудот, а се очекува тој тренд да порасне. Денеска не може да најдете добар мајстор под цена од 2.000- 2.500 денари дневница, која е речиси еквивалентна на просечната германска дневница. Така да ќе има недоволен број на работници се додека не се постигне доволно добар стандард луѓето да живеат тука.
Имате ли слободно време и како го поминувате?
-Слободното време најмногу го трошам за да бидам со децата оти се на возраст кога им треба најмногу внимание. Најмалиот е 13 години, а големата ќерка е 20 години и студира медицина во Скопје. Меѓутоа, секој ден се консултираме, ме враќа во младоста и ме потсетува на тоа што сум го учел. Како и да е, децата сакаат да се блиску до родителите. Хоби некое немам, пасијата по олдтајмерите е семејна, со брат ми ги набавуваме возилата. Кога и колку можам посветувам време на здравјето и физичката кондиција па со децата редовно одиме на фитнес, они одат на бокс па така да се дружиме и забавуваме и убаво си поминуваме. За мене боксот не е спорт кој оди со моите години. Новата година традиционално дома ја поминуваме смејно, но потоа одиме во некои од зимските центри во регионов.
Игор Шегавиќ
Фото: Слободан Ѓуриќ