Премиера во МОБ: Балетот „Ана Каренина“ на музика од Чајковски

Македонската опера и балет на 25 февруари премиерно ќе го изведе балетот во два чина „Ана Каренина“ според романот на Лав Толстој, на музика на Петар Илич Чајковски. Кореограф е Лео Мујиќ од Хрватска, а диригент Бисера Чадловска.

На  средба со новинарите, беше речено дека симбиозата на два руски великана во класичната литература и музика е преточена во современа претстава од 21 век, која е сепак во класични рамки и со богата балетска лексика.

Директорката на Балетот на МОБ, Олга Панго рече дека претставата е колоритна и обемна за работа, а успеале за прилично кратко време да ја донесат на сцена. Среќна е, рече, што за овој проект соработувале со кореографот Мујиќ.

– Тој е светско име и ни вдахна момент од она што е тренд во балетската уметност во светот, додаде Панго. Ликот на Ана Каренина ќе го игра Мими Поп Алексова-Атанасовска, во алтернација со Марија КичевскаШокаровска. Во ликот на Вронски ќе настапи Бобан
Ковачевски, Каренин ќе биде Васил Чичијашвили…Сценографијата е на Михајло Стојановски и Сашо Стојановски, костимограф е Александар Ношпал.

Чајковски во својот опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, а никогаш не искористил дело од Толстој. Но, за романтична приказна во „Ана Каренина“, која обработува вечни теми како љубов, прељуба, љубомора, одмазда, трагедија, според МОБ музиката на Чајковски била најсоодветен избор.

Диригентката Бисера Чадловска рече дека во претставата се искористени најубавите и познати делови од симфониите на Чајковски кои, рече, отсекогаш сакала да ги работи и дека со овој балет се исполнува нејзината дамнешна желба.

Меѓу делата на Чајковски е и светски популарниот Концерт за виолина кој е многу тежок за изведба и, како што рече, се нафатил да го отсвири нивниот концерт-мајстор Климент Тодоровски.

Кореографот Мујиќ, нагласи дека првпат работи во Македонија, а за изборот на познатото класично дело од крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век да биде основа на претставата.

-Покрај нови балетот мора да опслужува и класични литературни и музички дела. „Ана Каренина“ припаѓа во опусто на општа култура која е експлоатирана  и во други медиуми, како театар и филм, но може да се најде местот и во балетот. Она што сè уште ја привлекува публиката е приказната, односот меѓу ликовите и драмското дејство. А сето тоа на прекрасна симфониска музика и делници тешки за свирење кои не се изведуваат во балет. Спојот ќе донесе прекрасна претстава, рече Мујиќ.

Тој изрази задоволство од соработката со македонските балетски играчи и рече дека тие заслужиле ваква креација. Иста ваква претстава била изведена во Загреб, а сега  Мујиќ ја прилагодил за изведба кај нас на сцената на МОБ.

По премиерата во вторник, балетот „Ана Каренина“ репризно ќе биде изведен на 29 февруари, а потоа на репертоар од февруари.

Треба да знаете
Последни објави