Иако навлезе во четвртата деценија од животот, Кристијано Роналдо не престанува да го изненадува целиот фудбалски свет со неговата форма и постојан квалитет, а тоа го докажува и фактот дека само четири гола го делат од поставување на нов рекорд.
Кристијано Роналдо е единствениот фудбалер кој успеал да поврзе седум последователни години во кои постигнуваше по најмалку 50 голови. Уште 11 дена му остануваат за да се обиде да постигне уште 4 гола за да забележи осма таква сезона и да го подобри сопствениот рекорд.
Покрај Роналдо, само уште Лионел Меси и Герд Милер успеаја да поврзат најмалку три сезони со барем 50 постигнати голови. Германскиот голгетер Милер застана на пет вакви сезони, додека на Лионел Меси ова му е петта година со барем 50 постигнати голови.
Аргентинецот всушност успеа осумпати во последните девет години да постигне по најмалку 50 голови, но единствената година во која не постигна толку голови му ја прекина низата. Во 2013 Меси претрпе неколку повреди поради кои мораше да пропушти поголем дел од сезоната и поради тоа постигна 45 голови.
Пред Роналдо е голем предизвик. Сјајниот Португалец има 33 години и до крајот на годината го очекуваат уште три натпревари: најпрво на домашен терен против Рома, потоа гостувањето кај Аталанта и за крај на годината следува домашниот натпревар против Сампдорија.
Кога веќе зборуваме за рекордите, да напоменеме дека Роналдо постигна најмногу голови во 2013 година кога застана на бројката од 69 гола, а рекордот на сите времиња и понатаму го држи неговиот најголем ривал Лионел Меси, кој во 2012 година постигна дури 91 гол.