Со цел обезбедување подобри услови за работа за полициските службеници во последната година и пол реновирани се 18 објекти на МВР за што министерството издвоило 25 милиони денари. Во 2019 -та за оваа намена ќе бидат издвоени 70 милиони денари, изјави ресорниот министер Оливер Спасовски, кој заедно со дел од раководството на МВР, денеска ја посетија реновираната полициска станица во Кичево.
Спасовски во изјава за медиумите потенцира дека она што го затекнал во МВР беа голем број запуштени и руинирани објекти, полициски службеници за кои цела деценија не беше набавена униформа, многу лоши услови за работа.
-Веднаш се зафативме за работа и еве, ги гледате резултатите. Од втората половина на 2017 година заклучно со денес, реконструиравме или саниравме вкупно 18 објекти, а само годинава таа бројка изнесува 11 објекти, за што беа издвоени околу 25 милиони денари. Притоа сите тие активности ги финансиравме од сопствени средства, односно од средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи.Полициските службеници постојано во текот на оваа година добиваат нови униформи, ги реновираме објектите за да обезбедиме соодветни услови за работа, а од овој месец ја зголемивме и платата на полициските службеници, рече Спасовски.
Покрај планираното вложување од нови 70 милиони денари за реновирање и реконструкција на објекти меѓу кои и полициските станици во Дебар, Кочани, Крива Паланка и Виница, тој најави дека се планира и интензивирање на активностите во делот на програмите за полициска обука, едукација и специјализација како и ново зголемување на платите на вработените во МВР.
На средбата на Спасовски со раководството на ПС Кичево станало збор за безбедносната состојба на подрачјето на Кичево, при што оценето е дека таа е стабилна и дека има подобрување во многу сфери од работењето на полицијата, особено на откривачката дејност.
Министерот за внатрешни работи денеска имаше работна средба и со градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари со кого разговарале за обновувањето на врската меѓу локалната заедница, односно граѓаните и полицијата преку градење партнерски однос, која за жал, вели беше прекината во минатото.
-Упатувам апел до граѓаните на Кичево да бидат партнери на полицијата. Разговаравме за прашања кои можеме заеднички да ги решиме, посебно во делот на сообраќајот и веќе детализираме и конкретни активности. Успешната соработка ќе ја продлабочуваме и во иднина, рече Спасовски.