(Видео) Николовски: Договорното производство на сончоглед, одлична можност за земјоделците да имаат сигурен откуп

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата, Ленче Николовска, одржаа работна средба со земјоделци од Свети Николе.

Министерот Николовски на средбата посочи дека Владата интензивно работи на нови мерки и програми кои ќе значат подобрување на состојбата во вкупниот аграр и ја потенцираше важноста од развојот на договорното производство на земјоделските култури како можност за решавање на пласманот на земјоделските производи.

Николовски посочи дека договорното производство на сончоглед е одлична можност за земјоделците да имаат сигурен откуп.

„Целосно даваме поддршка на оваа иницијатива за договорно производство. Со оваа идеја и со овој концепт не збориме дека ќе се решат сите проблеми, но збориме за едно прашање, за кое нудиме соодветна поддршка и решение, за тие што ќе се решат да партиципираат, односно да произведуваат да знаат дека тука стои државата, дека има интерес од самите компании, затоа што факт е дека правиме анализа и на сето она што Македонија го увезува“, изјави министерот Николовски.

Советничката за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовска посочи дека идејата е заедничка со директорот на фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес, а целта е да се зголеми домашното производство на сончоглед преку договорно производство.

„На тој начин вие, земјоделци ќе имате сигурен откуп, ќе ви се исплати производството, а откупувачот ќе има домашна суровина. За Владата тоа значи решавање на најголемиот проблем на земјоделците пласманот. Драго ми е дека овде гледам вистински, сериозни земјоделски производители за кои сум сигурна дека со поддршка од страна на министерството за земјоделство ќе имаат успешна реколта на сончоглед. Тука сме да ја потврдиме сигурноста на овој процес преку медијаторска улога од потпишувањето на договорите до предавање на сончогледот кај откупувачот и исплата на истиот“, изјави Николовска.

Во Свети Николе има голем интерес од страна на земјоделците за договорното производство на сончоглед, велат од министерството. Оттаму додаваат дека во општинската сала пред повеќе од педесет сериозни земјоделски производители, беа присутни и претставници од институции кои заедно со директорот на фабриката „Благој Ѓорев“ ја презентираа идејата за сигурно производство и откуп на сончогледот.

„Идејата да го зголемиме домашното производство на сончоглед ми е одамна, но за прв пат наидувам на разбирање и соработка од една Влада и Министерство за земјоделство. Знам дека некогаш сме произведувале и до 40 000 тони сончоглед за преработка но последниве години спаднавме на само 2000 тони поради неколку причини кои сега заеднички со земјоделците и владата сакаме да ги надминеме. Ви гарантирам дека секое зрно сончоглед ќе го откупиме и ќе го платиме“ изјави Горанчо Лазов, директор на АД „Благој Ѓорев“.

Земјоделците, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство биле едногласни дека досегашното мало производство на сончоглед се должи на скапото производство, ниските приноси и субвенции што ги прави неконкурентни на увозниот сончоглед.

Треба да знаете
Последни објави